Бомбаш самоубиец од Исламска држава се разнесе меѓу верниците во најпознатиот храм на суфи исламот во Пакистан, убивајќи најмалку 70 луѓе и повредувајќи стотици други. Цел на бомбашот самоубиец беше храмот Сехван Шариф во југоисточната провинција Синд, кадешто илјадници мажи и жени се собираат секој четврток за суфи танци и музика, кажа локалнот функционер Сами Удин.
Повеќето од телата и остатоци од телата беа донесени во болницата изгорени до непрепознавање, рече докторот Моин Ахмед. Конечната бројка на загинати може да се зголеми, бидејќи десетици од над 250-те повредени се во критична состојба, велат од итната помош.
Мнозинството од 160-те милиони жители на Пакистан се припадници на суфи исламот, кој е поумерен од талибанското сфаќање на милитантниот ислам.