Најмалку четворица луѓе загинаа во пожарот кој вчера проголта голема станбена зграда во Валенсија. Пожарот зафати 14-катница во населбата Кампанар и се прошири на соседна зграда.
Спасувачките служби кажаа дека 19 луѓе се водат како исчезнати, а 14 се повредени, од кои едно дете и шест пожарникари. Повеќе од 20 противпожарни екипи учествуваа во гаснењето на огнот во зградата која имаше 138 станови и беше дом на околу 450 луѓе. Пожарникарите користеле и кранови за да спасат луѓе од повисоките катови.
Пожарот наводно избувнал на четвртиот кат и силни ветрови помогнаа брзо да се прошири, но постојат сомнежи дека за тоа придонесла и високо запаливата облога на зградата. Естер Пучадес, потпретседателката на Колеџот за индустриско инженерство во Валенсија, изјави дека таа претходно правела инспекции на зградата.
„Внатрешноста на зградата содржеше полиуретански материјали, кои веќе немаат широка примена поради страв од запаливост“, кажа Пучадес.
И инженерот Давид Игуера изјави за „Ел Паис“ дека облогата на зградата можеби придонесла за брзото ширење на огнот.
„Алуминиумските плочи со изолатор од пена што го сочинуваат надворешниот слој на зградата се многу добри за изолација од топлина и студ, но и се многу запаливи“, рече тој.
Заменик-директорот на службата за итни случаи на Валенсија, Хорхе Суарес, изјави дека сега се прават анализи за да се процени дали постои ризик од уривањето на зградата.