Петмина загинаа, а неколкумина се исчезнати откако еруптираше вулкан во Нов Зеланд, потврдија властите.
Група туристи беше видена како шета околу вулканот на Вајт Ајленд непосредно пред тој да еруптира. Полицијата кажа дека 23 луѓе се спасени, но предупреди дека бројката мртви би можела да расте. Во областа моментално е преопасно за да се спроведе спасувачка операција.
Вајт Ајленд, кој е во приватна сопственост, е еден од најактивните вулкани во Нов Зеланд, но и покрај тоа, посетите на туристи се многу чести.
Ерупцијата се случи околу 14 часот по локално време и еден од туристите сними густ столб од чад и пепел како излегува од кратерот.
„Бев во кратерот половина час порано. Само што се качивме на брод, кога некој покажа кон вулканот. Бев шокиран. Бродот се врати кон брегот за да собере некои луѓе кои чекаа на пристаништето“, изјави посетителот Мајкл Скејд.
Премиерката Џесинда Ардерн изјави дека во моментот на ерупцијата имало одредена бројка туристи на и околу островот, и домашни и странски. Полицијата ја процени бројката на околу 50 луѓе.