Хрватската влада денеска ја усвои одлуката за зголемување на платите на највисоките државни функционери. Со оваа одлука, месечните примања на претседателот Зоран Милановиќ, премиерот Андреј Пленковиќ и на претседателот на парламентот Гордан Јандроковиќ од август ќе пораснат за 2.500 евра.
Основицата на платата на околу 270 функционери ќе се зголеми за 83,45 посто, па место досегашните 516 евра бруто, ќе изнесува 947 евра.
„Основицата со години не беше променета, а во меѓувреме имавме економски раст и зголемување на платите во приватниот сектор и во државните служби, практички во сите сегменти. На почетокот на нашиот трет мандат, и ова прашање мораше да дојде на дневен ред. Работиме во услови кога 13 квартали по ред имаме пораст на БДП и никогаш помала невработеност“, кажа Пленковиќ.
Според новите пресметки, Пленковиќ ќе има плата од 5.535 евра, а Милановиќ од 6.074 евра.