Масовниот напад врз пејџерите и рачните радија на Хезболах во Либан го сврте вниманието кон Единица 8200, тајниот оддел за сајбервојување на израелското воено разузнавање, за кој извори од западните безбедносни служби велат дека бил вклучен во планирањето на досега невидената операција.
Израел досега не се огласи јавно за нападите во вторникот и средата, во кои загинаа најмалку 37 луѓе, а повеќе од 3.500 се ранети, но Хезболах и либанската влада го вперија прстот кон него.
Извор од либанската безбедносна служба кажа дека израелската шпионска агенција Мосад е одговорна за софистицирана операција во која било поставено мало количество експлозив во 5.000 пејџери наменети за Хезболах. Западни извори, пак, велат дека Единица 8200, која не е дел од Мосад, била вклучена во развојната фаза на операцијата, која се подготвувала повеќе од една година.
Според еден извор, таа била вклучена во техничкиот дел на тестирањето како да се вметне експлозивен материјал за време на производствениот процес.
Оваа единица се состои од млади и посебно избрани војници, кои развиваат и ракуваат со разузнавачки алатки и фактички е ран предупредувачки систем на Израел.
„Нема потврда дека овој оддел е вмешан во нападот. Но, припадниците на Единица 8200 се едни од најдобрите и најпаметни кадри во израелската војска“, кажа Јоси Купервасер, бивш функционер на израелското воено разузнавање.