НАПАДОТ СО КОМБЕ НА ПАРАДАТА НА ГОРДОСТА ВО БЕРЛИН Е ИСЛАМИСТИЧКИ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР НА ВНАТРЕШНИ РАБОТИ

    НАПАДОТ СО КОМБЕ НА ПАРАДАТА НА ГОРДОСТА ВО БЕРЛИН Е ИСЛАМИСТИЧКИ ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД, РЕЧЕ ГЕРМАНСКИОТ МИНИСТЕР НА ВНАТРЕШНИ РАБОТИВрз основа на првичните сознанија, се верува дека мажот, кој е роден во Германија, бил радикализиран и бил дел од исламистички кругови, изјави министерот Добринт. (Фото: АП)

    Во Германија е во тек голема потрага по осомничениот напаѓач, откако властите во Берлин инцидентот на берлинската Парада на гордоста го третираат како исламистички терористички напад. Министерот за внатрешни работи Александар Добринт денеска изјави дека осомничениот употребил мачета по нападот со намерно удирање со комбе, при што загина една жена, а 29 лица беа повредени, некои од нив тешко.

    Осомничениот напаѓач, по кого трага германската полиција, претходно им бил познат на властите и бил вклучен во „високо ниво на криминални активности“, рече Добринт на прес-конференција. Врз основа на првичните сознанија, се верува дека мажот, кој е роден во Германија, бил радикализиран и бил дел од исламистички кругови, изјави Добринт.

    Осомничениот претходно добил условна казна затвор во траење од една година и десет месеци. Јавното обвинителство поднело жалба на таа одлука, рече министерот. Осомничениот е германски државјанин роден во Германија во 2005 година, со либанско потекло и мајка која добила германско државјанство во 2002 година.

    Добринт изјави дека е наредено „големо распоредување на сили“, при што дополнителни полициски единици се испратени не само во Берлин, туку и на железничките станици и аеродромите низ Германија, како и на граничните премини.

    Полицијата претходно соопшти дека бело комбе удрило во неколку лица во близина на настанот за Парадата на гордоста во паркот Тиргартен, синоќа околу 22 часот, што ги натера организаторите да ги откажат прославите и да ја евакуираат областа. Портпаролот на полицијата, Флоријан Нат, изјави дека жртвата е жена која добила смртоносни повреди на самото место. Возилото удрило во дрво, а осомничениот побегнал, соопшти полицијата.

    Полицијата повеќе не верува дека тој се наоѓа во таа област и сметаат дека веројатно е на друго место во Берлин. Полицијата спровела и неколку операции поврзани со истрагата, вклучително и претрес на стан во берлинската населба Шенеберг. Не е извршено апсење бидејќи во станот не било пронајдено никого.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира