Напаѓачот на словачкиот премиер Роберт Фицо, кој беше тешко ранет во атентат минатата недела, можеби не дејствувал сам, изјави министерот за внатрешни работи Матуш Шутај-Ешток.
„Посебен тим ја истражува можноста дека нападот не бил извршен од осамен волк, како што првично се мислеше“, кажа Шутај-Ешток.
Фицо (59) веќе не е во животна опасност откако во средата беше застрелан во стомакот и потоа го оперираа неколку часа. Врз него пукаше 71-годишниот писател Јурај Цинтула, кој е обвинет за обид за убиство и се наоѓа во притвор.
„Се истражува дали тој бил дел од група луѓе кои меѓусебно се поттикнувале и поддржувале. Ова е засновано врз информации од разузнавачките служби. Два часа по нападот и неговото апсење, профилот и целата комуникација на напаѓачот на Фејсбук беа избришани“, кажа Шутај-Ешток.
Ден по атентатот, за напаѓачот беше кажано дека дејствувал сам и дека претходно учествувал во антивладини протести.
„Фицо и натаму е на интензивна нега, но веруваме дека најлошото е поминато. Неговата состојба се смета за стабилна со позитивна прогноза“, изјави министерот за одбрана и вицепремиер Роберт Калинак.
Тој додаде дека Фицо останува во болницата во Банска Бистрица зашто трансфер во Братислава засега не е можен поради неговата состојба.