Напаѓачот кој вчера уби две лица во источногерманскиот град Хале сакал да упадне во локалната синагога во моментите кога внатре се одбележувал еврејски празник. Лидерот на локалната еврејска заедница Макс Приворицки изјави дека во синагогата имало меѓу 70 и 80 луѓе.
Локалните медиуми објавија дека напаѓачот е 27-годишен Германец кој дејствувал сам. Тој не успеал да влезе во синагогата и потоа бил снимен како на улица пука од автоматско оружје, облечен во маскирна униформа и шлем.
Напаѓачот во живо ја пренесувал својата акција на популарната стриминг платформа Твич пред да биде уапсен. На снимката, тој кажува антисемитски коментари пред да се упати кон синагогата со автомобил.
„Според јавниот обвинител, постојат јасни индикации дека зад нападот стои можен десничарски екстремистички мотив“, изјави министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер.
Еден од сведоците изјави дека напаѓачот фрлил и граната, но таа не експлодирала.