Анкара отвори истрага откако се дозна дека Брентон Тарант, кој вчера уби 49 луѓе во две џамии во Нов Зеланд, во неколку наврати ја посетил Турција.
„Маж за кој се верува дека е 28-годишниот Австралиец кој вчера беше уапсен во Нов Зеланд ја посетил Турција неколку пати и притоа останал во земјата подолг период. Мислиме дека осомничениот потоа бил и во други држави во Европа, Азија и Африка. Ги истражуваме неговите движења и контакти“, изјави официјално лице од турската влада кое сакаше да остане анонимно.
Турските медиуми посочуваат дека Тарант неколку пати ја спомнува Турција во својот манифест на 74 страници, што го објавил на интернет.
И Софија претходно соопшти дека Тарант можеби ја посетил Бугарија минатата година.
„Се верува дека тој останал во земјата една недела, при што посетувал историски локации и ја проучувал историјата на Бугарија. Истрагата ќе утврди дали ова е точно и дали имал други намери“, изјави јавниот обвинител Сотир Цацаров.
Се дознава дека истиот човек бил во кратка посета на Балканот и во декември 2016, кога со автобус поминал низ Србија, Хрватска, Црна Гора и БиХ.