НАРЕДИВ ОДМАЗДНИЧКА ВОЈНА И ШИРОКА ВОЕНА МОБИЛИЗАЦИЈА, КАЖА НЕТАНЈАХУ ПО НАПАДОТ НА ХАМАС ВРЗ ИЗРАЕЛ

    НАРЕДИВ ОДМАЗДНИЧКА ВОЈНА И ШИРОКА ВОЕНА МОБИЛИЗАЦИЈА, КАЖА НЕТАНЈАХУ ПО НАПАДОТ НА ХАМАС ВРЗ ИЗРАЕЛДосега е потврдено дека има 22 загинати и над 540 повредени (Фото: АП)

    Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел е во војна, откако палестинската милитантна група Хамас утрово лансираше голем ракетен напад на земјата и ја премина границата. Портпаролот на израелската војска соопшти дека Палестинците досега испукале 2.500 ракети и навлегуваат во земјата со падобрани и преку море и копно.

    Ние сме во војна. Не операција, не ескалација, туку војна. Утрово, Хамас лансираше убиствен изненадувачки напад против државата Израел и нејзините граѓани. Им наредив на шефовите на безбедносниот систем да ги исчистат населените места од навлезените терористи и оваа операција се спроведува веќе три часа. Во исто време, наредив широка мобилизација на воени резервисти и одмаздничка војна со сила и опсег што непријателот досега не ги видел. Непријателот ќе плати досега невидена цена. Ние сме во војна и ќе победиме“, изјави Нетанјаху.

    Израелската телевизија „Ченл 13“ објави дека седум населени места се под контрола на Хамас. Досега е потврдено дека има 22 загинати и над 540 повредени.

    Израелските одбранбени сили (ИДФ) ја лансираа операцијата „Железни мечеви“. Покрај тоа што се ракетираат цели во Газа, борби се водат на граничниот премин Ерез и во една тренинг-база на ИДФ во јужен Израел.

    Воениот заповедник на Хамас, Мохамад Деиф, кажа дека утрово биле испукани над 5.000 проектили кон Израел, означувајќи го почетокот на операцијата „Бурата Ал-Акса“.

    Одлучивме да кажеме дека е доста. Веќе го имавме предупредено непријателот. Окупацијата резултираше со стотици масакрирани цивили. Го објавуваме почетокот на операцијата ‘Бурата Ал-Акса‘. Во првиот напад, чија цел беа непријателски позиции, аеродроми и воени утврди, беа испукани над 5.000 ракети и гранати“, соопшти Деиф.

    Палестинскиот претседател Махмуд Абас изјави дека неговиот народ има право да се брани од „теророт на доселениците и окупаторските трупи“.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира