НАСА ГО ОДЛОЖИ ЛАНСИРАЊЕТО НА МИСИЈАТА „АРТЕМИС 2“ КОН МЕСЕЧИНАТА ПОРАДИ ТЕХНИЧКИ ДЕФЕКТ

    НАСА ГО ОДЛОЖИ ЛАНСИРАЊЕТО НА МИСИЈАТА „АРТЕМИС 2“ КОН МЕСЕЧИНАТА ПОРАДИ ТЕХНИЧКИ ДЕФЕКТМисијата предвидува четворица астронаути да поминат 10 дена во вселената, патувајќи до далечната страна на Месечината и назад. (Фото: НАСА)

    Американската вселенска агенција НАСА соопшти дека првиот лет со екипаж до Месечината по повеќе од 50 години речиси сигурно нема да се случи во предвидениот термин во март. Одложувањето доаѓа откако инженерите открија проблеми со протокот на хелиум во системот за време на безбедносните проверки.

    Иако првично беше најавено дека мисијата „Артемис 2“ би можела да започне на 6 март, администраторот на НАСА, Џаред Ајзакмен, изјави дека прекинот во протокот на хелиумот ќе влијае врз планираниот термин за лансирање. Хелиумот е клучен за работата на ракетата бидејќи се користи за создавање притисок во резервоарите за гориво и за ладење на системите.

    Дефектот е забележан во текот на ноќта по извршената симулација на полнење на ракетата со над 700.000 галони гориво. Иако првичните тестови поминаа без забелешки, дополнителните набљудувања покажаа дека има сериозна техничка пречка која бара интервенција.

    Мисијата предвидува четворица астронаути да поминат 10 дена во вселената, патувајќи до далечната страна на Месечината и назад. Ова треба да биде најдалечното патување на луѓето во вселената досега и подготовка за следната фаза, „Артемис 3“, со која е планирано повторно стапнување на месечевата површина.

    НАСА претходно се соочуваше со проблеми со филтрите и протекување на водород, кои беа санирани пред последната серија тестови во вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида. Иако амбициите на агенцијата се слетувањето на Месечината да се реализира до 2028 година, раководството признава дека тие рокови се многу тесни со оглед на техничките предизвици.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира