Шведскиот крал Карл Густав Четиринаесетти ја опиша 2020 како ужасна година и додаде дека земјата потфрлила со националната стратегија за борба против коронавирусот.
Шведска избра поразличен пристап кон коронавирусот од остатокот на светот и во ниеден момент не воведе карантин и строги рестриктивни мерки, иако забележа речиси 350.000 случаи на зараза и над 7.800 починати од ковид-19, од кои 90% во старечките домови.
„Мислам дека потфрливме. Имаме голем број починати и тоа е ужасно. Луѓето во Шведска неверојатно страдаа во тешки услови. Можам само да замислам како им е на семејствата кои не беа во можност да се простат од свои починати членови. Тоа е тешко и трауматско искуство“, изјави 74-годишниот крал, анализирајќи ја годината за една ТВ-емисија.
Место да воведе мерки, шведската влада само ги повика граѓаните да се однесуваат одговорно и излезе со препораки, чие непочитување не се казнуваше. Архитектот на ваквиот пристап, Андерс Тегнел, и натаму ужива голема поддршка во јавноста. Шведска има просек од 766,2 заразени на еден милион жители, што е 10 пати повеќе од соседите Финска и Норвешка, но пониско од земји како Франција, Италија и Шпанија.
Со доаѓањето на вториот бран, Шведска ја забрани продажбата на алкохол по 22 часот, ги ограничи јавните собири на осум луѓе и префрли средните училишта на онлајн настава.