Насилства избија во Мексико откако војската го уби најбараниот човек во земјата во акција за негово апсење поддржана од САД. Немесио Осегуера Сервантес познат како Ел Менчо, кој беше водач на озлогласениот картел Халиско нова генерација (ЦЈНГ), почина откако беше тешко ранет во судирите помеѓу неговите поддржувачи и војската.
Во акцијата во градот Тапалпа беа убиени уште четворица припадници на картелот, а тројца војници беа ранети, соопшти министерството за одбрана. Во знак на одмазда избија насилства во десетина мексикански сојузни држави, при што картелот блокираше патишта со запалени возила. Пукотници имаше во Халиско и неколку други градови.
Гувернерот на Халиско, Пабло Лемус Наваро, прогласи вонредна состојба, при што беше запрен јавниот превоз и беа затворени училиштата. Туристите во одморалиштето Пуерто Ваљарта во Халиско ја опишаа ситуацијата како воена зона.
Мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум кажа дека има апсолутна координација помеѓу регионалните и сојузните власти и ги повика жителите да останат смирени.
„Ел Менчо беше главна мета на владите на САД и Мексико како еден од најголемите шверцери на фентанил во нашата земја“, кажа портпаролката на Белата куќа, Керолајн Ливит.
Педесет и деветгодишниот Ел Менчо бил поранешен полицаец кој водел широка криминална организација одговорна за шверц на огромни количини на кокаин, метамфетамин и фентанил во САД. Стејт департментот понуди награда од 15 милиони долари за негово фаќање.
„Операцијата беше испланирана и спроведена од специјалните сили на Мексико, со помош на разузнавачки информации од САД“, објави министерството за одбрана на Мексико.



