Владимир Путин предупреди дека западот ќе биде во директна борба со Русија ако ѝ дозволи на Украина да ја напаѓа руската територија со проектили со долг дострел добиени од САД и сојузниците. Тој смета дека овој потег би ги променил опсегот и природата на конфликтот.
Володимир Зеленски долго време бара од западните сојузници да ѝ дозволат на Украина да ја гаѓа Русија со проектили со долг дострел, како американските „АТАЦМС“ и британските „сторм шедоу“ и од САД доаѓаат назнаки дека ограничувањата наскоро ќе бидат укинати.
„Ваков потег ќе ги вовлече земјите кои ја снабдуваат Украина со оружје директно во војната, зашто програмирањето на патеките на летот на проектилите би морал да го прави воениот персонал на НАТО, бидејќи Киев ги нема тие способности. Тука не станува збор за тоа дали на Украина ќе ѝ се дозволи да ја напаѓа Русија со тие оружја или не, туку се решава дали членките на НАТО ќе бидат директно вклучени во војната. Ако таква одлука биде донесена, тоа ќе значи директно вклучување на НАТО во војната во Украина. Тоа, пак, значително ќе ги промени суштината и природата на конфликтот“, изјави Путин.
Тој додаде дека Русија ќе биде принудена да донесе соодветни одлуки врз основа на новите закани. Путин не прецизираше какви мерки би биле тоа, но тој во минатото збореше за вооружување на непријателите на западот со руски оружја со кои би можеле да се гаѓаат западни цели.
Русија исто така е во процесот на менување на својата нуклеарна доктрина, односно околности во кои би можела да употреби нуклеарно оружје.