НÈ ЧЕКА ДОЛГА И ТЕШКА ВОЈНА, КАЖА НЕТАНЈАХУ ПО НАЈСМРТОНОСНИОТ ДЕН ЗА ИЗРАЕЛ ОД 1973

    НÈ ЧЕКА ДОЛГА И ТЕШКА ВОЈНА, КАЖА НЕТАНЈАХУ ПО НАЈСМРТОНОСНИОТ ДЕН ЗА ИЗРАЕЛ ОД 1973Израел најави можност и за копнена офанзива во Газа (Фото: Гети)

    Израел се соочува со долга и тешка војна, предупреди премиерот Бенјамин Нетанјаху, додека продолжуваат борбите со Хамас во рамките на земјата. Палестинската милитантна група вчера го изненади Израел со силен ракетен напад и упад на стотици нејзини борци во земјата, убивајќи војници и цивили.

    Потврдено е дека досега загинале над 300 Израелци, што е најсмртоносниот ден за земјата од војната Јом Кипур во 1973 година, додека во одмаздничките воздушни напади на Газа се убиени најмалку 256 Палестинци.

    Израел е принуден на војна од смртоносен напад на Хамас. Првата етапа ќе заврши во следните часови кога најголем дел од милитантите на израелската територија ќе бидат збришани. Израел ќе ја поврати безбедноста и ќе победи“, кажа Нетанјаху во обраќањето ноќеска.

    Она што го става Израел во уште понезавидна ситуација е значителниот број заложници што ги држи Хамас. Од израелската војска изјавија дека меѓу нив има и деца, жени и стари лица, верувајќи дека некои се мртви. Според израелската амбасада во САД, станува збор за околу 100 заложници.

    Израелските одбранбени сили (ИДФ) најавија дека постои можност за копнена офанзива во Газа и ги предупредија жителите на седум области да ги напуштат своите домови додека се подготвуваат нови напади на инфраструктурата на Хамас. Од кабинетот на Нетанјаху најавија дека Израел ќе го прекине снабдувањето на Газа со струја, гориво и храна.

    ИДФ кажа дека ја повратила контролата врз 22 локации во јужен Израел што вчера беа нападнати од Хамас и дека се справуваат со милитантите на уште осум подрачја.

    Вчера имаше нереди и насилства и на Западен Брег, при што загинаа шестмина Палестинци, а Израел кажа дека утрово извел артилериски напади на Либан, возвраќајќи на пукања оттаму, за што одговорност презеде Хезболах. 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира