Володимир Зеленски ја обвини Русија за прекршување на енергетското примирје објавено од Доналд Трамп, по нападот врз термоелектрана во Харкив и ги повика САД да обезбедат Москва да се придржува до секој постигнат договор.
Соочен со притисок поради високите цени на енергенсите пред американските меѓуизбори следниот месец, Трамп ги изненади Киев и неговите европски сојузници со објавата дека Украина и Русија договориле енергетско примирје. Ова се случи два дена откако Трамп постигна договор со Владимир Путин за извоз на руски дизел.
И додека Зеленски кажа дека за наводното енергетско примирје дознал од медиумите, но дека ја поддржува идејата, Русија молчи откако Трамп се огласи синоќа.
„Уште ги чекаме деталите. Ние го поддржуваме примирјето, но не сум слушнал одобрување од руската страна и тоа ми изгледа чудно. Ако Русија го одобрува прекинот на огнот, Украина го нема видено тоа во постапките на Москва“, рече Зеленски.
Тој изјави дека Украина во текот на ноќта не извршила напади врз руски рафинерии, но стави до знаење дека доколку Русија сака Киев да ги запре овие напади, таа мора да престане да ги напаѓа украинскиот енергетски систем и критичната инфраструктура.
„Веќе имаше руски прекршувања на енергетскиот прекин на огнот објавен од претседателот Трамп. Чекаме да видиме еден конкретен чекор што Американците се подготвени да го преземат“, кажа Зеленски.
Европската Унија ќе продолжи да применува санкции кон Русија, и покрај договорот за дизел што го постигнаа Трамп и Путин, изјавија министрите за надворешни работи на земјите-членки. ЕУ денеска го усвои најголемото проширување на листата со санкции досега, опфаќајќи повеќе од 1.600 лица и субјекти обвинети за поддршка на руската војна.



