Руското министерство за одбрана кажа дека не планирало да напаѓа никакви мети во Полска, откако полскиот премиер Доналд Туск кажа дека 19 дронови влегле во полскиот воздушен простор за време на ноќешниот руски напад врз Украина.
„Не беше планирано да се гаѓаат објекти на полска територија. Максималниот дострел на беспилотните летала што се користеа во нападот врз Украина не надминува 700 километри. Сепак, ние сме подготвени да одржиме консултации со полското министерство за одбрана на оваа тема“, објави руското министерство за одбрана.
Кремљ претходно одби да го коментира соборувањето на дроновите, велејќи дека тоа е прашање за министерството за одбрана.
Полска кажа дека на различни локации на нејзина територија се пронајдени седум дронови и остатоци од неидентификуван објект, најмногу на истокот на земјата. Еден дрон е пронајден во областа Лоѓ, 240 километри западно од полската граница со Белорусија.
Овие летала беа дел од последниот голем руски напад врз Украина, во кој ноќеска биле лансирани 415 дронови и 43 проектили. Првото нарушување на полскиот воздушен простор било забележано синоќа во 23:30 часот, а последното утрово околу 6:30 часот. Полска кажа дека некои од дроновите долетале од правецот на Белорусија.
Туск кажа дека Полска побарала активирање на Членот 4 од Договорот за НАТО и дека се водат разговори со сојузниците за засилување на полската противвоздушна одбрана. Член 4 наведува дека членките на НАТО ќе се консултираат заедно секогаш кога, според мислењето на некоја од нив, територијата, политичката независност или безбедноста на која било од нив се загрозени.