Доналд Трамп изјави дека неколку регионални и неколку подалечни држави се согласиле да ги поддржат американските напори за обезбедување на Ормускиот Проток, каде што сообраќајот на танкери е речиси запрен од почетокот на американско-израелските напади врз Иран. Тој кажа дека државниот секретар Марко Рубио наскоро ќе ги објави имињата на државите, додавајќи дека смета оти Франција ќе помогне откако имал многу добар разговор со Емануел Макрон.
„Би сакал да ги кажам нивните имиња, но, искрено, не знам дали би сакале тие, бидејќи можеби не сакаат да бидат мета. Не побарав помош од други држави околу Ормускиот Теснец зашто навистина ни треба, туку за да видам како ќе реагираат. САД секогаш штитат други држави, но ако некогаш нам ни треба помош, тие нема да бидат тука за нас“, рече Трамп.
Тој викендов ги повика Кина, Франција, Јапонија, Јужна Кореја и Велика Британија да им се придружат на САД во тимските напори за обезбедување на Теснецот, но досега од никого не добил потврден одговор. Министрите за надворешни работи на Европска Унија не покажаа интерес за продолжување на нејзината поморска мисија во Црвеното Море за да се помогне во повторното отворање на Ормускиот Теснец, изјави шефицата за надворешна политика Каја Калас по денешните разговори во Брисел.
„Никој не сака активно да се вклучи во војната“, рече Калас.
Ормускиот Теснец е најпрометниот канал за превоз на нафта во светот и околу 20% од светската нафта поминува низ него. Околу 3.000 бродови пловеле низ теснецот секој месец.
На прес-конференција во Белата куќа, Трамп изјави дека не знае дали новиот врховен водач на Иран, Моџтаба Хамнеи, е жив, додавајќи дека Вашингтон не знае со кого би можел да преговара во Техеран.
„Не знаеме дали е мртов или не. Многу луѓе велат дека е многу лошо повреден. Други велат дека е мртов. Никој не вели дека е 100% здрав. Не знаеме со кого си имаме работа во Иран. Не знаеме кој е нивниот лидер“, кажа Трамп, додавајќи дека САД досега погодиле 7.000 мети во Иран и дека иранските напади со проектили и дронови се намалиле за 90-95%.



