Акцијата за уривање на дивоградби во планинското туристичко место Тет во Албанија трае веќе недела дена. Багерите на Националниот инспекторат за заштита на територијата (ИКМТ), со асистенција на полицијата, продолжија со отстранување на објектите, досега се урнати околу 70 нелегално изградени објекти, а се очекува акцијата да продолжи и во наредните денови.
Иако состојбата на терен е претежно мирна, тензиите и понатаму се присутни. Пред црквата во Тет, која е симбол на регионот, се одржа „Собрание на луѓето“ – традиционален собир на кој локалните жители разговараа за акцијата и нејзините последици.
Жителите на Тет изразија загриженост за иднината на нивните објекти и бараат од владата да ја прекине операцијата и да им понуди решение за легализација на објектите како дел од поширок план за развој на планинскиот туризам. Тие тврдат дека надлежните немаат налог за уривање и дека акцијата се спроведува среде туристичка сезона. Како резултат на тоа, бројот на туристи е значително намален, а голем дел од резервациите се откажани.
Свештеник од Тет упати повик за дијалог меѓу властите и жителите, нагласувајќи ја важноста од одржување на хармонија и соработка за изнаоѓање одржливо решение. Поддршка за локалното население пристигна и од Митрополитската архиепископија во Скадар, која се заложи за заштита на животната средина и правата на жителите.
Акцијата за уривање започна по наредба на премиерот Еди Рама, кој изјави дека објектите се нелегални и ја уништуваат природата.