Неидентификувани беспилотни летала во текот на ноќта во петокот надлетаа дански воени локации, вклучително и нејзината најголема база, во последниот од серијата инциденти што официјалните лица ги нарекоа „хибриден напад“ и навестија можна руска вмешаност.
Дронови биле забележани на неколку воени локации, изјави портпарол на данската војска, одбивајќи да даде други детали. Полицијата соопшти дека еден до два дрона биле забележани во петокот околу 20:15 часот во близина и над воздухопловната база Каруп, најголемата база во земјата во која се сместени сите хеликоптери на вооружените сили, надзорот на воздушниот простор и школата за летање.
Портпаролот на полицијата изјави дека не можат да коментираат од каде потекнуваат дроновите и додаде: „Не ги соборивме“.
Базата Каруп ги дели своите писти со цивилниот аеродром Мидтјиланд, кој бил накратко затворен, иако немало засегнати летови бидејќи во тоа време не биле закажани.
Мистериозните беспилотни летала низ скандинавската земја од понеделникот предизвикаа затворање на неколку аеродроми. Слични инциденти беа пријавени и во Норвешка, Полска и Романија.
Данската премиерка Мете Фредериксен во четвртокот изјави дека „во последните денови, Данска е жртва на хибридни напади“. Иако истражителите досега не успеаја да ги идентификуваат одговорните, министерот за одбрана Троелс Лунд Поулсен рече дека летовите се чини дека се „дело на професионален актер“.
Фредериксен посочи со прст кон Русија: „Постои една главна земја што претставува закана за безбедноста на Европа, а тоа е Русија“.
Москва во четвртокот соопшти дека „цврсто отфрла“ каква било сугестија дека е вмешана во инцидентите во Данска. Нејзината амбасада во Копенхаген ги нарече „исценирана провокација“ во објава на социјалните мрежи.
Данскиот министер за правда, Петер Хумелгард, претходно оваа недела изјави дека целта на нападите е „да се шири страв, да се создаде поделба и да нè исплаши“.
Летовите со беспилотни летала започнаа само неколку дена откако Данска објави дека за првпат ќе набави прецизно оружје со долг дострел, бидејќи Русија ќе претставува закана „во годините што доаѓаат“. Копенхаген, исто така, ќе набави нови подобрени способности за откривање и неутрализирање на беспилотни летала.
Во меѓувреме, министрите за одбрана од 10 земји на ЕУ во петокот се согласија да го направат „ѕидот од дронови“ приоритет за блокот, учејќи од искуствата на Украина за брзо градење одбрана од беспилотни летала.
Владата во Копенхаген соопшти дека ја прифатила понудата на Шведска за нејзината технологија против беспилотни летала за да се осигура дека претстојниот самит на ЕУ ќе може да се одржи без пречки.