Емануел Макрон изјави дека земјите кои би обезбедиле безбедносни гаранции за Украина по евентуално примирје не би распоредиле голем број војници, туку би испратиле контингенти од неколку илјади војници на клучни локации во Украина без да се бара дозвола од Русија. Тој кажа дека неколку европски и неевропски држави изразиле спремност да распоредат војници во Украина заради осигурување на иден мировен договор со Русија.
„Тоа би можело да вклучи неколку илјади војници од секоја држава, распоредени на клучни места во Украина, кои би спроведувале тренинг програми и би покажале долгорочна поддршка. Овие контингенти од земји-членки на НАТО би биле гаранција за безбедноста на Украина“, изјави Макрон.
Москва цврсто се противи на распоредувањето на странски војски, но Макрон смета дека руско одобрение не би било потребно.
„Ако Украина побара присуство на странски сојузнички војски на својата територија, не е на Русија да го прифаќа или отфрла тоа“, рече францускиот претседател.
Тој денеска ќе се сретне со новиот канадски премиер Марк Карни, а утре ќе патува за Берлин на разговори со Олаф Шолц, пред следниот самит на ЕУ.
„Европа и САД треба да го засилат притисокот врз Русија да го прифати предложеното примирје. Русија не остава впечаток дека искрено сака мир. Напротив, Путин ги засилува борбите и сака да добие се пред да преговара“, кажа Макрон.