Воздушниот сообраќај во САД полека се нормализира по неколкучасовниот прекин, објави Федералната агенција за авијација (ФАА). Ова следува откако се појави проблем со системот кој ги предупредува пилотите на можни опасности за време на лет.
Белата куќа објави дека во овој момент нема докази дека техничкиот проблем бил предизвикан од сајбернапад.
„ФАА кажа дека во следните неколку часа ќе биде појасно што го предизвикало проблемот и соодветно ќе одговорат на тоа“, рекоа од Белата куќа.
ФАА претходно кажа дека сите домашни летови ќе бидат прекинати до 15 часот по македонско време.
Со проблемот беа погодени сите аеродроми и авиокомпании во САД. Повеќе од 8.500 летови од и кон земјата беа одложени, а повеќе од 800 беа откажани. Се очекува да има и дополнителни одложувања со цел да се избегне метежот на небото во услови кога голем број авиони чекаат на полетување.