НЕМА ГАРАНЦИИ ДЕКА РУДАРСТВОТО ЌЕ БИДЕ ОДРЖЛИВ ЕКОНОМСКИ И РАЗВОЕН МОДЕЛ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ АНАЛИЗА НА ТИНК ТЕНКОТ БИЕПАГ

    НЕМА ГАРАНЦИИ ДЕКА РУДАРСТВОТО ЌЕ БИДЕ ОДРЖЛИВ ЕКОНОМСКИ И РАЗВОЕН МОДЕЛ ЗА ЗАПАДЕН БАЛКАН, ВЕЛИ АНАЛИЗА НА ТИНК ТЕНКОТ БИЕПАГЕко-активистите протестираат во Струмица против отворање на рудникот Иловица-Штука во 2023 (Фото: СДК.МК)

    Рударството во Југоисточна Европа има вековна традиција. Сепак, Западен Балкан дури неодамна почна да зазема значајно место во европските и глобалните дебати за рударство и критични суровини. Со масовното зголемување на глобалната побарувачка по критични суровини и ретки елементи кои се од суштинско значење за постигнување на целите на транзицијата кон зелена енергија, дебатите за критичните суровини, нивното ископување и ефектите од експлоатацијата станаа главни теми во ЕУ и во погодените земји.

    Во анализата на тинк тенкот Советничка група за политики за Балканот во Европа (БиЕПАГ) се вели дека Западен Балкан би можел потенцијално да обезбеди критични суровини за Европската Унија, вклучително литиум, бакар и злато. Во овој контекст забележуваме промена на перспективата на Унијата кон регионот. ЕУ сѐ повеќе ги гледа своите соседи како потенцијални места за експлоатација на критичните суровини, а меѓународните рударски компании и корпорации сѐ повеќе го препознаваат регионот на Западен Балкан како огромен резервоар на витални суровини. Започнати се доста големи проекти за рударство и експлоатација, заедно со тековните истражувања и плановите за големи проекти во иднина.

    Некои од овие проекти и истражувања привлекоа значително внимание на јавноста. Најистакнат пример е планот на мултинационалната рударска компанија „Рио Тинто“ за експлоатација на литиум во долината Јадро во западна Србија. За време на нивната посета на Белград во јули 2024, германскиот канцелар Олаф Шолц и потпретседателот на Европската комисија Марош Шефчовиќ потпишаа договор за стратешко партнерство помеѓу ЕУ и Србија. Српската влада предизвика големи протести и отпор кога неодамна ги обнови плановите за рударство што беше принудена да ги прекине во 2021 година поради масовното противење на јавноста.

    Плановите за рударство предизвикуваат страв кај населението поради негативните влијанија, како што се климатски промени, уништување на шумите и живеалиштата, загадување на водата, ерозија на почвата и губење на биолошката разновидност. Дополнително, постои сериозна загриженост дека големите рударски проекти би можеле да доведат до уште поголема корупција и клиентелизам и до натамошна централизација на политичкото и економското одлучување.

    Бројни рудници веќе работат со децении, најмногу од периодот на Југославија. Некои од нив се преземени и управувани од странски компании. Покрај тоа, има и неколку нови истражувања и инвестициски планови во наредните години. Најистакнатите и најконтроверзни проекти се однесуваат на ископувањето на литиум во Србија (Јадро) и во Босна и Херцеговина (Мајевица/Озрен/Језеро).

    Можностите за експлоатација на рударството се истражуваат со години на Западен Балкан, без големо внимание од јавноста. Западните компании почнаа со истражувања, често под сомнителни околности, поради лошото управување и недостатокот на транспарентност во регионот, обично со благослов на локалните фактори, кои се надеваат на нови деловни можности. Со глобалното зголемување на побарувачката за литиум, кој се користи за производство на батерии за електрични возила, големите резерви на литиум во Србија и во делови од БиХ станаа предмет на голем интерес кај западните компании.

    Постојат неколку линии на критики на плановите за рударство на Западен Балкан. Најмногу внимание се посветува на штетните ефекти врз животната средина. Компаниите, владите, ЕУ и некои нејзини членки ветуваат дека сите проекти ќе се изведуваат според најразработените и најнапредни еколошки стандарди. Друга критика нагласува дека регионалните влади обично спроведуваат големи проекти без значајни консултации и согласност од засегнатото население. Наместо тоа, тие ги држат плановите и нивните финансиски аспекти во тајност. Постои дефицит на јавна доверба, што, заедно со недоволната транспарентност во постоечките договори, ги наведува луѓето до заклучок дека нивните интереси се од мало значење за странските компании.

    Третата дебата се води околу можната колатерална штета од рударските проекти, бидејќи новоформираните партнерства помеѓу ЕУ и националните влади ги загрозуваат процесите на демократизација и интеграција на земјите во регионот. ЕУ и нејзините членки се решени да го имплементираат Законот за критични суровини во земјите од европската полупериферија, како што е Балканот. Сепак, ова може целосно да ги промени перцепциите за ЕУ.

    Локалните жители и еколошките активисти, сепак, нѐ соочуваат со реалноста. Во случајот со постојниот рудник во Вареш, загаденоста на водата стана очигледна до мај 2023. Во случајот „Рио Тинто“, експертите и активистите предупредуваат дека српската влада ниту може, ниту сака да го гарантира она што таа и „Рио Тинто“ го ветуваат – највисоките еколошки стандарди што ќе бидат интегрирани во проектот.

    Особено негативен пример за загадување и сериозна деградација на животната средина е рудникот за бакар во Бор, управуван од кинеската рударска групација „Зијин“. Поради загадувањето на воздухот со арсен, кадмиум и други тешки метали, Бор е на листата на 50 најзагадени градови во светот, при што секој четврти жител боледува од рак.

    Нема гаранции дека рударството во сегашните околности ќе биде одржлив економски и развоен модел за идниот просперитет на земјите од Западен Балкан. Институциите и економиите во земјите од Западен Балкан се претежно заробени, со значителни недостатоци кога станува збор за владеењето на правото и транспарентните процедури. Затоа, дури и ако разумно можат да се очекуваат значителни финансиски придобивки, сите докази покажуваат дека тоа ќе ги поддржи механизмите за државно заробување, вклучително и можноста да бидат испратени во офшор зони.

    Граѓанската мобилизација на тема рударство бележи значителен пораст. Ангажираните граѓани и активисти можат да вршат одреден притисок врз владите и компаниите, со што ќе создадат барем елементарен механизам на меѓусебна контрола на тековните и планираните рударски проекти. Сепак, владиниот притисок расте, со остри мерки, па дури и репресија употребени во Србија и БиХ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира