Володимир Зеленски изјави дека примирје со Русија без да се повратат окупираните територии само би ја продолжило војната. Во интервјуто за „Вол стрит џурнал“, Зеленски предупреди дека тоа би можело да доведе до поширок конфликт и би ѝ овозможило на Русија да ги обнови и дополни своите сили за следната рунда.
„Замрзнување на конфликтот со Русија значи пауза што ќе ѝ овозможи да земе здив. Јавноста верува дека сите територии прво мора да бидат ослободени и дури потоа ќе може да се преговара за тоа како ќе живееме во наредните векови“, вели Зеленски.
Осврнувајќи се на договорот за извоз на жито што вчера беше потпишан со Русија, Зеленски кажа:
„Дипломатските отстапки кон Русија би можеле некако да го стабилизираат пазарот, но тоа е само привремено затишје и може да се врати како бумеранг во иднина“.
Договорот од Истанбул ќе овозможи продолжување на извозот на украинското жито, чии залихи се проценуваат на 22 милиони тони и ќе го олесни транспортот на руските жито и ѓубриво, и покрај западните санкции.