Во Букурешт избија нереди откако централната изборна комисија му забрани на прорускиот десничар Калин Георгеску да учествува на претседателските избори во мај. Георгеску беше изненадувачкиот победник на првиот круг на претседателските избори во декември, кој беше поништен поради обвинувањата за руско мешање.
Стотици поддржувачи не Георгеску синоќа се собраа пред зградата на изборната комисија, извикувајќи „крадци“, „предавници“ и „слобода“, при што фрлаа камења, палеа контејнери и се обидоа да го пробијат безбедносниот кордон. Полицијата употреби солзавец за да ги растера демонстрантите.
Изборната комисија кажа дека нејзината одлука е заснована врз потегот на Уставниот суд да ги поништи изборите зашто Георгеску не ги почитувал гласачките прописи.
„Недозволиво е при повторување на изборите да се смета дека истото лице ги исполнува условите потребни да се кандидира за претседателската функција“, објави изборната комисија, во која членуваат судии на Врховниот суд и претставници на политички партии.
Георгеску ја опиша одлуката како директен удар во срцето на демократијата и доби поддршка од Илон Маск и Џеј-Ди Венс.
„Европа сега е диктатура, Романија е под тиранија“, напиша тој на Икс.
Највисокиот романски суд го поништи првиот круг од изборите во декември два дена пред одржувањето на вториот круг, повикувајќи се на обвинувањата за руско мешање во полза на Георгеску. Тој се наоѓа под кривична истрага за шест обвиненија, вклучувајќи членување во фашистичка организација.