Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел има намера да преземе воена контрола врз цела Газа и на крајот да ја предаде на вооружените сили кои ќе управуваат со неа правилно.
„Имаме намера“, рече Нетанјаху во интервјуто за „Фокс њуз“ запрашан дали Израел ќе ја преземе контролата врз 45 километри долгиот појас и додаде:
„Но, не сакаме да ја задржиме. Сакаме да имаме безбедносен периметар, не сакаме да управуваме со неа. Не сакаме да бидеме таму како управител“.
Тој попладнево го свика својот безбедносен кабинет, кој треба да ја потврди оваа одлука. За да стапи во сила, одлуката треба да биде одобрена и од целата влада.
„Сакаме да се ослободиме себеси и да го ослободиме народот на Газа“, кажа Нетанјаху.
Израелската војска моментално контролира 75% од Газа, каде што најголемиот дел од околу два милиона жители е раселен и живее во мизерни услови.
Хамас кажа дека потегот на Нетанјаху претставува очигледен удар врз преговарачкиот процес. Израел и САД неодамна се повлекоа од индиректните преговори за прекин на огнот во Доха.
„Уверуваме дека Газа ќе остане отпорна на окупацијата и обидите за наметнување старателство и дека проширувањето на агресијата против палестинскиот народ нема да биде лесна работа. Нејзината цена ќе биде висока и скапа за окупаторската нацистичка војска“, соопшти Хамас.
Семејствата на заложниците стравуваат дека ваквите планови би можеле да ги загрозат нивните најблиски. Се верува дека 20 од 50 заложници во Газа се живи, додека анкетите покажуваат дека три четвртини Израелци сакаат договор за прекин на огнот како начин за нивно враќање дома.