Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека убиството на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хаменеи не би го засилил, туку би го завршил конфликтот помеѓу Израел и Иран, што почна во петокот.
Американски функционери викендов кажаа дека Доналд Трамп ставил вето на израелски план да се уби Али Хаменеи откако Израелците го известиле Вашингтон дека имаат шанса да го ликвидираат. Нетанјаху во прв момент го негираше тоа и кажа дека кружат многу лажни вести.
Запрашан во интервју за „Еј-Би-Си њуз“ дали тоа би го засилило конфликтот, Нетанјаху кажа:
„Тоа би го завршило конфликтот. Имаме половина век конфликт што го шири режим кој ги тероризира сите на Блиски Исток. Иран сака вечна војна и нѐ има доведено до раб на нуклеарна војна. Ова што го прави Израел е спречување на тоа. Сакаме да ставиме крај на оваа агресија и тоа можеме да го направиме само ако им се спротивставиме на силите на злото“, рече Нетанјаху.
Запрашан директно дали Израел би го нападнал иранскиот ајатолах, тој одговори:
„Израел ќе го направи она што биде потребно. Нема да навлегувам во детали. Но, ги убивме нивните најдобри нуклеарни научници, тоа е всушност нуклеарниот тим на Хитлер“.
Тој додаде дека во интерес на Америка е да се елиминира иранската нуклеарна програма.
„Денеска е Тел Авив, утре ќе бидат Њујорк или Амстердам. Тоа е она што тие луѓе го сакаат, тие извикуваат ‘Смрт на Америка‘, така што ова што го правиме ние е во службата на човештвото“, кажа Нетанјаху.