Доналд Трамп кажа дека на САД им треба Гренланд поради нивната национална безбедност откако назначи специјален пратеник за островот, потег што ја вознемири Данска. Во оваа улога ќе биде гувернерот на Луизијана, Џеф Лендри, кој ги дели ставовите на Трамп и кажа дека ќе работи за да го направи Гренланд дел од САД.
„Лендри ќе ја предводи промената“, изјави Трамп.
Островот богат со минерали е најкратката рута меѓу Европа и Северна Америка и клучна локација за американскиот систем за балистички проектили.
„Ни треба Гренланд од безбедносни причини, не поради минералите. Ако го погледнете Гренланд, ако погледнете нагоре и надолу по брегот, ќе видите руски и кинески бродови насекаде. Ни треба за национална безбедност. Мораме да го имаме“, рече Трамп.
Данската премиерка Мете Фредериксен и премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, претходно во заедничка изјава рекоа дека Гренланд им припаѓа на жителите на Гренланд.
„Не можете да анектирате друга земја, дури ни со аргумент за меѓународна безбедност. Гренланд им припаѓа на жителите на Гренланд и САД нема да го преземат Гренланд“, рекоа тие.
Откако се врати во Белата куќа, Трамп го обнови својот интерес за Гренланд и дури одби да ја исклучи можноста за употреба на сила за да се обезбеди контрола врз оваа полуавтономна данска територија. Гренланд, каде што живеат само 57.000 луѓе, од 2009 има право да прогласи независност од Данска, за што се залагаат повеќето локални политички партии.
„Од никаде, сега се појави специјален пратеник на претседателот на САД, кој, според него, е задолжен да го преземе Гренланд. Ова, се разбира, е целосно неприфатливо. Ова е тешка ситуација во која нè ставаат нашите долгогодишни сојузници“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен.



