Владимир Путин се сретна со најголемиот сојузник во Европската Унија, Виктор Орбан, при што тие ја потврдија својата посветеност на билатералните врски среде меѓународните тензии околу војната во Украина. Средбата се одржа во Пекинг, пред почетокот на меѓународниот форум за кинеската иницијатива „Појас и пат“.
„Унгарија никогаш не сакаше да ѝ се спротивстави на Русија и се обидува да ги спаси билатералните односи“, му кажа Орбан на Путин.
Унгарија, која се противеше на многу иницијативи на ЕУ за поддршка на Украина, го добива најголемиот дел на сурова нафта и гас од Русија.
„И покрај тоа што во денешните геополитички услови можностите за одржување контакти и развивање односи се многу ограничени, можеме да бидеме задоволни што нашите односи со многу европски земји се одржуваат и развиваат. Една од овие земји е Унгарија“, изјави Путин.
Шефот на прес службата на Орбан, Берталан Хаваши, кажа дека тој и Путин разговарале за испораки на гас и нафта и за нуклеарна енергија. Според договор доделен без тендер во 2014, руската енергетската компанија „Росатом“ гради нуклеарна централа во Унгарија.
Путин денеска пристигна во Пекинг, каде што ќе се сретне со кинескиот претседател Шји Џинпинг. Тоа е негово прво патување надвор од некогашниот Советски Сојуз од почетокот на војната во Украина.