Доналд Трамп негираше дека ветувал дека нема да има нови војни. Во интервју за Ен-Би-Си, Трамп кажа дека создал неверојатна војска.
„Како прво, не гарантирав дека нема да има нови војни. Зошто би ја изградиле најсилната војска на светот? Ја изградив нашата армија. Наследив ужасна армија. Немаше опрема, немаше ништо. Кога велите дека сум ветил, јас не ветив ништо“, кажа Трамп.
Тој истакна дека не сака бесконечни војни, додавајќи дека сегашната војна со Иран не е таква.
„Војната во Виетнам траеше 19 години поради глупави луѓе. Војната со Иран трае три месеци и заканата во голема мера е завршена. Наскоро ќе биде готова. Но, не можеме да му дозволиме на Иран да има нуклеарно оружје зашто ќе нѐ разнесе. Нема да го има ни Ен-Би-Си“, рече Трамп.
Во своите кампањи за претседател, Трамп постојано ја критикуваше американската вмешаност во долги воени акции на Блиски Исток.
„Нема да ве праќам да се борите и умирате во глупави војни во странство што никогаш не завршуваат. Нема да започнам војна. Ќе ги сопрам војните“, кажа Трамп на митинг во Пенсилванија во 2024.



