Американската јавна обвинителка Пем Бонди изјави дека осомничените за вандализам врз возилата на „Тесла“ би можеле да добијат до 20 години затвор. Бонди ги опиша оштетувањата на автомобилите, салоните и станиците за полнење на „Тесла“ како домашен тероризам.
Досега се уапсени три лица, против кои се покренати обвиненија. Автосалони на „Тесла“ низ земјата беа нападнати, искршени и запалени во знак на протест поради големото влијание на Илон Маск врз владата на Доналд Трамп.
Во САД не постои специфичен закон против домашен тероризам, но обвинителите можат да побараат подолги затворски казни ако се утврди дека мотивот на нападот бил поврзан со тероризам. И Трамп и Маск ги опишаа нападите како домашен тероризам.
Врз еден салон на „Тесла“ во Колорадо беше фрлен молотов коктел и биле испишани графити, при што била предизвикана штета меѓу 5.000 и 20.000 долари. Вакви инциденти се забележани и во Сејлем, Орегон и во Норт Чарлстон, Северна Каролина.
„Поминаа времињата кога се правеа кривични дела без последици. Нека ова биде предупредување: ако се придружите на бранот на домашен тероризам против ‘Тесла‘, ќе завршите во затвор“, изјави Бонди.