Главната структура на катедралата Нотр Дам во Париз, едно од обележјата на Париз, е спасена и зачувана, потврди шефот на пожарникарите, но медиумите објавија дека еден пожарникар е сериозно повреден.
Тие веќе пет часа водат битка со катастрофалниот пожар, кој околу 18.50 часот избувна во поткровјето на катедралата стара 850 години и потоа се прошири на голем дел од покривот. Една од главните кули висока 93 метри се урна по неколку часа, но официјални лица велат дека се спасени две други кули.
Пожарникарите претходно не беа сигурни дали ќе успеат да го совладаат пожарот и да ја спасат катедралата од целосно уништување.
„Сега со сигурност можеме да кажеме дека Норт Дам нема целосно да биде уништена“, изјави официјален извор за агенцијата „Ројтерс“.
Причината на пожарот не е позната, но се верува дека е поврзана со процесот на нејзина реконструкција.
Нотр Дам е во процес на реставрација што требаше да трае во фази околу 20 години, а тековната фаза чини 6 милиони евра.
Претставник на црквата кажа дека гори целата внатрешност на црквата од 12. век и дека најверојатно ќе биде уништена. Исто така гори и комплетната средновековна дрвена конструкција. Властите велат дека најголемиот дел од бесценетите уметнички дела се спасени веднаш штом избунал пожарот. Меѓу спасените е и Круната од трње, за која се верува дека ја носел Исус, и други реликвии, меѓу кои и ленената туника од Сен Луј.