Крвен тест за повеќе од 50 видови рак би можел да помогне да се забрзаат утврдувањето дијагноза и лекувањето на пациентите, покажа големо тестирање спроведено од Националната здравстена служба на Англија. Истражувањето сугерира дека крвниот тест „Галиери“ има потенцијал да забележи или да ја отфрли можноста за постоење рак кај пациентите со симптоми.
Со тестот се откриваат ситни делови од ДНК на туморот во крвотокот, се предупредуваат лекарите дали е детектиран сигнал за рак и се предвидува од кој дел на телото доаѓа тој сигнал.
Експертите го поздравија откритието, но кажаа дека се потребни уште истражувања пред тестот, развиен од калифорниската компанија „Греил“, да биде вклучен во здравствените системи.
Во истражувањето предводено од Универзитетот Оксфорд учествувале 5.461 лице од Англија и Велс кои биле примени во болница поради сомнеж дека имаат рак. Со новиот тест точно бил утврден рак во две третини од случаите, а во 85% од позитивните случаи бил откриен и изворот на болеста.
„Тестот останува во развојна фаза, но би можел да го зголеми бројот на откриените случаи. Тој се покажа доста корисен за пациентите“, велат од Оксфорд.