Нов Зеланд ќе го забрани полуавтоматското оружје, откако во вчерашниот напад во две џамии во Крајстчрч беа убиени 49 луѓе, а 48 се повредени, што е најголемиот масакр во историјата на земјата. Ова го најави јавниот обвинител Дејвид Паркер.
„Нашите закони ќе се променат“, изјави премиерката Џасинда Ардерн при посетата на градот, додавајќи дека осомничениот напаѓач, кој денеска се појави пред суд, имал намера да продолжи да убива.
Таа кажа дека напаѓачот бил уапсен од двајца локални полицајци, 36 минути по првиот примен итен повик.
„Тој планирал да го продолжи својот напад кога бил пресретнат од полицајците. Пронајдени се уште две пушки во неговото возило и јасно е дека тој немал намера да запре. Меѓу повредените има и деца, од кои едно двегодишно“, кажа Ардерн.
Австралиецот Брентон Тарант (28) денеска во лисици беше доведен во суд и против него е покренато обвинение за убиство. Уште две лица се во притвор. Тарант молчел на краткото сослушување и повторно ќе се појави на суд на 5 април.
Иако нема целосни податоци за оружјето употребено во нападот, Ардерн потврди дека е полуавтоматско, кое може легално да се купи во земјата ако се поседува А-дозвола за оружје, каква што Тарант имал од 2017. Властите велат дека Тарант досега не бил сомнителен за разузнавачките служби.