Новата секретарка за односи со јавноста на Белата куќа, Кејти Закарија, изјави дека не го положила правосудниот испит, откако се соочи со прашања за нејзината правна кариера пред да стане главна портпаролка на американскиот претседател Доналд Трамп. Закарија, која се приклучи на тимот во Белата куќа на 12 октомври, претходно изјави дека се занимавала со право пред да влезе во политиката, а Трамп ја нарече адвокатка.
„Не го положивте правосудниот испит, така ли е?“, ја праша водителот Шон Хенити во интервјуто во емисијата „Хенити“ на телевизијата „Фокс њуз“ доцна синоќа.
„Така е“, одговори таа. „Не го положив“, рече таа откако Хенити ја праша дали некогаш повторно излегла на правосудниот испит.
Според податоците од Универзитетот „Пепердин“, Закарија таму се стекнала со диплома по право во 2011 година. Речиси сите лиценцирани адвокати во САД прво добиваат диплома по право, но дипломираните правници не можат законски да се занимаваат со адвокатура во САД доколку претходно не бидат примени во адвокатската комора на соодветната сојузна држава.
На 13 октомври, за време на нејзиниот прв брифинг, таа одговори на прашања од само тројца новинари, по што го заврши настанот за помалку од 15 минути. Нејзиниот настап беше критикуван од некои медиумски коментатори и политички аналитичари, иако Трамп им изјави на новинарите: „Мислам дека беше многу добра“.
Кога Хенити ја праша за нејзиниот настап, таа одговори: „Чувствувам дека навистина презедов одговорност да ја одржам прес-конференцијата, Шон, и тоа со многу малку време за подготовка“.



