Словачка работи на реорганизацијата на полициските сили и би можела да ја распушти својата антикорупциска единица, изјави новиот министер за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток.
Во интервјуто за весникот „Штандард“, Ешток изјави дека Националната агенција за криминал (НАКА) е претерано растегната организација на која ѝ требаат промени. Тој не кажа децидно дека оваа агенција целосно ќе се укине, но призна дека постои таква можност.
НАКА, која беше формирана за време на втората влада на сегашниот премиер Роберт Фико во 2012, делува во составот на словачката полиција и ги истражува најсериозните и најопасни злосторства, како корупција, убиства со умисла, шверц на дрога, организиран криминал, тероризам и екстремизам.
Низ годините, НАКА разоткри бројни случаи на организиран криминал, вклучувајќи го убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак.
Некои случаи вклучуваа членови на влади предводени од Смер, меѓу кои и Тибор Гашпар, поранешен претседател на полицијата, сега пратеник на Смер.
Евентуалното растурање на НАКА се смета за уште еден чекор во обидите на коалицијата на Смер да го промени системот на обвинителството во Словачка. Сегашната влада, исто така, продолжува да работи кон донесување на законодавството што ќе ја распушти специјалното обвинителство, ќе ги намали казните за корупција и ќе ја ослаби заштитата на укажувачите на корупција.
Овие потези веќе добија силни критики од Брисел. Опозициските партии го блокираат парламентот, го одложуваат спроведувањето на реформите и го организираат четвртиот круг на антивладини протести во неколку словачки градови, кои треба да продолжат денеска.