НОВИОТ ПОЛСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ НАВРОЦКИ УЧЕСТВУВАЛ ВО НАВИВАЧКИ ТЕПАЧКИ И ДОГОВАРАЛ ПРОСТИТУТКИ ЗА ГОСТИТЕ ВО ЛУКСУЗЕН ХОТЕЛ

    НОВИОТ ПОЛСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ НАВРОЦКИ УЧЕСТВУВАЛ ВО НАВИВАЧКИ ТЕПАЧКИ И ДОГОВАРАЛ ПРОСТИТУТКИ ЗА ГОСТИТЕ ВО ЛУКСУЗЕН ХОТЕЛНавроцки со сопругата и трите деца по победата на изборите (Фото: АП)

    Полска синоќа доби конзервативен претседател откако Карол Навроцки тесно го победи либералниот кандидат Павел Тшасковски во вториот круг на изборите, што ќе ѝ направи проблем на проевропската влада на Доналд Туск во спроведувањето на нејзината агенда.

    Во драматичен пресврт по пребројувањето на сите гласови, 42-годишниот историчар победи со 50,89% гласови, додека градоначалникот на Варшава освои 49,11%. Излезноста беше 71,6%.

    Освен од опозициската националистичка партија Закон и правда, Навроцки доби поддршка и од владата на Доналд Трамп, но за разлика од другите евроскептици од Средна Европа, како Роберт Фицо и Виктор Орбан, тој се залага за натамошна воена помош за Украина.

    Во текот на кампањата, на виделина излегоа неколку проблематични детали од животот на Навроцки, што тој не ги негираше. Меѓу нив е и обвинувањето дека помагал да се договараат проститутки за гостите во луксузен хотел додека работел како обезбедување.

    Навроцки го напаѓаа и дека присвоил стан од пензионер под сомнителни околности и дека учествувал во договорени тепачки помеѓу фудбалски навивачи.

    „Сите мои спортски активности се засноваа на силата на моето срце, силата на моите мускули, моите тупаници. Тоа беше фер натпревар, без разлика на формата“, изјави Навроцки, аматерски боксер, кога на дебата се соочи со извештаите дека учествувал во масовни организирани тепачки помеѓу фудбалски хулигани.

    Навроцки доби силна поддршка од конзервативците, загрижени од либералните политики на Тшасковски како градоначалник на Варшава и истакнуваше дека ќе ја направи Полска „нормална“. Тој вети дека ќе го блокира членството на Украина во НАТО.

    Полскиот претседател има главно церемонијална функција. Владата е задолжена за надворешната политика, но претседателот може да стави вето на законодавството или да го испрати на судска проверка. Коалицијата предводена од Туск нема доволно гласови во парламентот за да го надмине тоа, така што Навроцки ќе му ја отежни работата на владата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира