НОВИТЕ ЦАРИНИ НА ТРАМП НАЈМНОГУ ЌЕ ГО ПОГОДАТ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ НА САД, ПРЕДВИДУВА ММФ

    НОВИТЕ ЦАРИНИ НА ТРАМП НАЈМНОГУ ЌЕ ГО ПОГОДАТ ЕКОНОМСКИОТ РАСТ НА САД, ПРЕДВИДУВА ММФММФ ги измени своите предвидувања десет дена откако Трамп воведе универзални царини за речиси сите трговски партнери на САД (Фото: АП)

    Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) денеска ги намали своите предвидувања за економски раст на САД, Кина и бројни други држави поради новите американски царини, кои се најголеми во последните 100 години и предупреди на зголемени трговски тензии.

    ММФ ги измени своите економски предвидувања само десет дена откако Доналд Трамп воведе универзални царини од 10% за речиси сите трговски партнери на САД и уште поголеми за Кина. Притоа ја намали својата прогноза за глобален раст за 0,5% на 2,8% за 2025 година.

    Според ММФ, новите царини оваа година најмногу ќе го погодат економскиот раст на САД, чија прогноза е намалена од 2,7% на 1,8%, додека кај Канада, Јапонија, Велика Британија и Германија тоа е помалку изразено. ММФ исто така смета дека има 40% шанси за рецесија во САД среде трговската војна.

    Влегуваме во нова ера бидејќи се ресетира глобалниот економски систем што функционираше во изминатите 80 години. Брзата ескалација на трговските тензии и исклучително високите нивоа на неизвесност околу идните политики би имале значително влијание врз глобалната економска активност. Тоа е доста значајно и ги погодува сите региони во светот. Гледаме помал раст во САД, помал раст во еврозоната, Кина и во другите делови на светот“, кажа главниот економист на ММФ, Пјер-Оливие Гуриншаз.

    Тој додава дека трговијата ќе продолжи, но ќе биде поскапа и помалку ефикасна и ќе постојат конфузија и неизвесност околу тоа каде да се инвестира и каде да се набават производи и компоненти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира