Обемно истражување за употребата на „парацетамол“ од страна на бремени жени не пронајде убедлива врска помеѓу вообичаениот лек против болки и шансите децата да бидат дијагностицирани со аутизам или АДХД.
Објавувањето на трудот беше забрзано за да им се обезбедат сигурни информации на идните мајки и нивните лекари откако администрацијата на Доналд Трамп ги повика бремените жени да избегнуваат „парацетамол“, познат и како „тиленол“, тврдејќи дека тој придонесува за зголемување на стапката на аутизам. Зборувајќи во Белата куќа во септември, Трамп рече дека жените треба да разговараат со својот лекар за ограничување на употребата на лекот против болки за време на бременост.
Во една сеопфатна анализа објавена во Британскиот медицински журнал, истражувачите анализирале претходно објавени научни истражувања за тоа дали „парацетамолот“ ја зголемува веројатноста бремените жени да имаат деца со аутизам или АДХД. Тие заклучиле дека квалитетот на анализите се движи од „низок до критично низок“, а секоја очигледна врска помеѓу лекот против болки и аутизмот веројатно се објаснува со семејната генетика и други фактори.
„Жените треба да знаат дека постојните докази навистина не ја поддржуваат врската помеѓу ‘парацетамолот‘ со аутизмот и АДХД. Доколку постои семејна историја на аутизам и АДХД, било кај родителите, било кај браќата и сестрите, тогаш веројатно е дека тоа е причината зошто детето е дијагностицирано, а не нешто што мајката го земала во бременоста“, рече Шакила Тангаратинам, автор на една анализа од Универзитетот во Ливерпул.
Иако стапките на аутизам се зголемија во последните децении, многу научници веруваат дека тоа е поттикнато од подобрувањата во дијагнозата и значителното проширување на критериумите што лекарите ги користат за да ја опишат состојбата.



