И покрај ниските температури, во делови на Европа повторно беше испочитувана новогодишната традиција на капење во студена вода.
Стотици луѓе дојдоа на брегот на Саут Квинсфери во околината на Единбург за да ги гледаат најхрабрите пливачи како облечени во килтови, модерни фустани и разни костими се фрлаат во вливот на Северното Море. Еден од нив беше облечен како Доналд Трамп.
Настанот наречен „Лудиот скок“ почна да се одржува во Шкотска во 80-ите години на минатиот век и гледачите плаќаат карта од една фунта.
Во Германија, околу 500 луѓе се собраа на островот Нордернеј за да се искапат во Северното Море, кадешто температурата на водата не беше над пет Целзиусови степени.
Во Рим, пак, за Нова година се скокаше од 18 метри висок мост во реката Тибер, а оние на кои не им пречеше студот се бањаа и на хрватското приморје, во Пула и Опатија. Најстариот меѓу нив имаше 84 години.