Спасувачката операција во тајландските пештери ја зеде првата жртва, откако поранешен маринец загина додека им помагаше на 12-темина заглавени момчиња и на нивниот фудбалски тренер.
Тој загубил свест на враќањето од пештерскиот систем Там Луанг, кадешто учествувал во доставувањето на залихи на кислород.
„Неговата работа беше да доставува кислород. Тој немаше доволно за себеси на враќањето“, кажа регионалниот гувернер.
Триесет и осумгодишниот маринец беше извлечен од негови колеги, но обидите за оживување биле неуспешни. Владата објави дека неговиот погреб ќе биде покриен од тајландскиот крал.
„Условите во пештерите се многу тешки. И покрај овој трагичен настан, ви гарантирам дека нема да нè фати паника. Нема да ја запреме нашата мисија, нема да дозволиме жртвата на нашиот колега да биде залудна“, изјави командирот на тајланската морнарица Арпакорн Јоконгкаев.
Покрај водата и најавените нови дождови, нов проблем за спасувачите е намаленото количество кислород во просторот кадешто се наоѓаат децата. Властите се обидуваат да инсталираат петкилометарски кабел за достава на кислород.
„Во прв момент мислевме дека децата можат да останат во пештерите подолго време, но работите се сменија, сега имаме ограничено време“, додаде Арпакорн.