Американски сојузен судија објави документ опишан како проштална порака што наводно ја напишал сексуалниот престапник и педофил Џефри Епстин, кој беше пронајден мртов во својата затворска ќелија во Њујорк во август 2019. Неговата смрт официјално е прогласена за самоубиство.
Пораката содржи и реченица „Уживање е да можеш да си избереш време за збогување“.
Се вели дека рачно напишаната белешка ја пронашол поранешниот затворски цимер на Епстин, осудениот убиец и бивш полицаец Николас Тартаљоне. Американскиот окружен судија Кенет Карас, кој го надгледуваше случајот Тартаљоне, ја објави белешката по барање на „Њујорк тајмс“, кој извести за нејзиното постоење минатата недела.
„Ме испитуваа еден месец, не најдоа ништо!!! И така произлегоа обвиненија за 15 години. Уживање е да можеш да си избереш време за збогување. Што сакаш да направам – да плачам!! Не е забавно, не вреди!!“ се вели во белешката, според фотографијата објавена во судското досие.
Карас пресуди дека белешката се квалификува како судски документ до кој јавноста може да има пристап, бидејќи е поднесена во врска со кривичниот случај на Тартаљоне. Тој служи четири доживотни затворски казни за убиства поврзани со дрога. Судијата не најде законска причина да ја чува белешката запечатена, но не ја потврди нејзината автентичност.
Белешката ја поднеле адвокатите на Тартаљоне, кој беше затворски цимер на Епстин околу две недели во јули 2019, додека двајцата биле притворени во затвор во Менхетн.
Белешката се појави во јули 2019, откако Епстин беше пронајден жив во неговата затворска ќелија на Менхетн со траги на вратот, што властите подоцна го опишаа како очигледен обид за самоубиство. Според Тартаљоне, белешката била скриена во книга во нивната заедничка ќелија. Епстин почина неколку недели подоцна, на 10 август 2019, во друг инцидент прогласен за самоубиство.



