Словачкиот Специјален кривичен суд почна со сослушувањата за убиството на истражувачкиот новинар Јан Куцијак и неговата свршеница во 2018. Обвинет за организација на двојното убиство е познат бизнисмен, идентификуван како Мариан К., а тројца други се обвинети како извршители.
Бизнисменот, кој првично беше уапсен за измама, собирал снимки од неговите разговори со политичари, бизнисмени, судии и обвинители за да може подоцна да ги уценува, откри потоа истрагата.
Убиениот Куцијак ги истражуваше врските меѓу политичари, бизнисмени и организираниот криминал, пред да биде убиен во неговиот дом, заедно со свршеницата Мартина Куснирова во селото Велка Маца. Едно истражување на Куцијак, објавено по неговата смрт откри врски меѓу кланови на италијанската мафија со вработени во словачката влада и предизвика масовни демонстрации против корупција и злоупотреба на фондови од ЕУ. Како резултат на протестите, премиерот Роберт Фико поднесе оставка.
Обвинетиот бизнисмен, исто така, организирал следење на новинари кои известувале критички за неговите активности, вклучувајќи го Куцијак. Полицајци, веројатно поткупени од Мариан К., обезбедиле информации кои подоцна биле искористени да се организира убиството на новинарот.