Сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, кој е поранешен борец на Ал-Каеда, пристигна во Вашингтон во официјална посета, само два дена откако САД го тргнаа од листата на глобални терористи. Тој утре ќе се сретне со Доналд Трамп во Белата куќа, 11 месеци откако неговото бунтовничко движење го собори режимот на Башар ал-Асад.
Неколку часа пред доаѓањето во САД беше објавено дека сириските безбедносни сили уапсиле над 70 членови на Исламска држава, која се очекува да биде тема и на утрешната средба.
Од преземањето на власта, Шара се обидува да ја врати Сирија на меѓународната сцена по децении изолација под водство на Асад и 13 години граѓанска војна. Тој патуваше во САД и во септември, кога одржа говор на Генералното собрание на Обединетите нации, повикувајќи ја меѓународната заедница да ги укине санкциите за Сирија. Оваа недела, Советот за безбедност на ОН усвои американска резолуција за укинување на санкциите.
Шара беше прогласен за терорист под името Мухамад ал-Џавлани, што го користеше како лидер на милитантната група Хајат Тахрир ал-Шам, која ги прекина врските со Ал-Каеда во 2016. Пред да ја основа групата, Шара се борел за Ал-Каеда во Ирак и бил затворен од американските сили. САД по него имаа распишано потерница од десет милиони долари.
Трамп првпат се сретна со Шара во мај за време на посетата на Ријад, кога го опиша како „цврст човек со многу силно минато“. И покрај неговото минато, Шара доби поддршка од владите што му се спротивставуваа на режимот на Асад, ветувајќи дека ќе предводи умерена влада која може да добие поддршка од различните етнички групи и фракции во Сирија.



