Свеченоста на која им се оддаваше почит на жртвите на советската инвазија на Чехословачка во 1968 година се претвори во протест против чешкиот премиер Андреј Бабиш.
Стотици луѓе го исвиркаа Бабиш при неговото доаѓање на церемонијата, што се одржа пред зградата на чешкото државно радио во Прага, кадешто пред половина век, во првите часови од окупацијата се водеа жестоки улични борби на невооружените цивили со советската армија. Притоа загинаа 17 луѓе.
„Срамота, срамота“, извикуваа граѓаните додека Бабиш држеше говор, што го попречуваа и со сирени и свирчиња.
Милијардерот Бабиш направи контроверзен потег, кога се здружи со наследниците на Комунистичката партија, а се соочува и со обвиненија за измама.
Војските на Варшавскиот пакт влегоа во Чехословачка на 20 август 1968 година, со цел да спречат воведување либерални реформи во државата, кои произлегоа од движењето Прашка пролет. Како резултат на окупацијата, само во 1968 година биле убиени 168 луѓе.