По повеќе од четири месеци постојани украински бомбардирања, руските трупи денеска го напуштија Змискиот Остров, тврдејќи дека тоа бил гест на добра волја за да покажат дека не го попречуваат извозот на житото.
Сместен само 35 километри од брегот на Украина, островот е изложен на напади од сите насоки и воени експерти ги опишуваат војниците кои го бранат како „глинени гулаби“. Освоен од Русите на првиот ден на инвазијата, островот е во дострелот на артилерија, проектили и дронови и Украинците токму тоа го правеа, изведувајќи серија уништувачки напади врз самиот остров и врз руските пловила кои доставуваа залихи и засилувања.
По потопувањето на бродот „Москва“ во април, Русите очајнички се обидуваа да донесат противвоздушни системи на Змискиот Остров, но неговата одбрана стана логистичка ноќна мора зашто се наоѓа далеку од главните руски поморски бази во Црното Море.
„Стационирањето трупи на островот нема никаква смисла за двете страни, зашто се лесна мета. Најдобрата опција е контрола на огнот, односно одржување способност да се напаѓаат сите цели кои се доближуваат до островот. Тоа ќе им даде поголема безбедност на најголемото украинско пристаниште Одеса и на целиот северозападен сектор на Црното Море“, вели воениот експерт Олег Жданов.
Русија веќе контролира големи делови од црноморското крајбрежје, плус полуостровот Крим и целото Азовско Море, но контролата врз Змискиот Остров ќе ја комплетираше ефективната блокада на Одеса и извозот на житото ќе го направеше невозможен во најголем дел. Оттаму, Русија би можела да ѝ се заканува и на Романија.
Ова не е само симболична победа на Украина, туку и стратешки успех, додека за Русија претставува срамен пораз и чекор назад. Сепак, ова не би требало значително да го промени текот на војната зашто главната цел на Русија е освојување на целиот Донбас.