ОКОЛУ 500 ШЕФОВИ НА ДРЖАВИ И МОНАРСИ ДОАЃААТ НА ПОГРЕБОТ НА ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА, РУСИЈА И БЕЛОРУСИЈА НЕ СЕ ПОКАНЕТИ

    ОКОЛУ 500 ШЕФОВИ НА ДРЖАВИ И МОНАРСИ ДОАЃААТ НА ПОГРЕБОТ НА ЕЛИЗАБЕТА ВТОРА, РУСИЈА И БЕЛОРУСИЈА НЕ СЕ ПОКАНЕТИКовчегот со телото на кралицата вчера беше донесен во Лондон (Фото: АП)

    Погребот на Елизабета Втора в понеделник ќе биде еден од најголемите собири на кралски семејства и државници во Европа во изминатите неколку децении. Поканите биле испратени изминатиот викенд, при што се очекува да присуствуваат околу 500 шефови на држави и странски достоинственици, а Македонија ќе ја претставува претседателот Стево Пендаровски. Од најголем дел од лидерите е побарано да дојдат со комерцијални летови и им било кажано дека масовно ќе бидат превезувани со автобуси од локација во западен Лондон.

    Церемонијата ќе се одржи во Вестминстерската катедрала, која може да прими 2.300 луѓе.

    Кралевите на Белгија, Холандија и Шпанија потврдија дека ќе дојдат, исто како и кралските семејства од Норвешка, Шведска и Данска.

    Белата куќа објави дека Џо Бајден ќе дојде со сопругата Џил, но нема да се возат со автобус во Лондон. Не е познато дали дел од американската делегација ќе биде и Доналд Трамп, а се шпекулира дека Барак и Мишел Обама добиле приватни покани.

    Премиерите на Австралија, Нов Зеланд и Канада кажаа дека ја прифатиле поканата, исто како и лидерите на Бангладеш и Шри Ланка. Индискиот премиер Моди засега не дал потврда.

    Од европските лидери, се очекува доаѓањето на ирскиот премиер Мартин, германскиот претседател Штајнмаер, италијанскиот претседател Матарела и на шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Своето присуство го потврдиле и претседателите на Јужна Кореја и Бразил, а се очекува да дојдат и јапонскиот цар Нарухито, турскиот лидер Ердоган и францускиот претседател Макрон.

    Иран ќе биде претставен само на амбасадорско ниво, а не е познато дали ќе дојде кинескиот претседател Шји Џинпинг, кој оваа недела првпат ќе патува во странство од почетокот на пандемијата.

    Меѓу државите кои не се поканети се Русија, Белорусија и Мјанмар.

    Ковчегот со телото на кралицата вчера беше донесен во Лондон и во следните четири дена ќе биде изложен во Вестминстерската хала. Се очекува стотици илјади луѓе да поминат покрај него за да ѝ оддадат почит на кралицата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира