Тестирањето на вакцината против ковид-19 што ја развиваат Универзитетот Оксфорд и фармацевтската компанија „АстроЗенека“ ќе продолжи неколку дена откако беше запрено бидејќи кај еден од учесниците се појавиле несакани ефекти.
Во вторникот, „АстроЗенека“ објави дека тестирањето на сите локации во светот се паузира додека не се утврди дали овие несакани ефекти се поврзани со експерименталната вакцина. Од Оксфорд денеска објавија дека е безбедно да се продолжи со тестирањата.
Вакцината на Оксфорд важи за еден од најсилните и најнапредни кандидати меѓу десетици вакцини што се развиваат низ светот.
„За очекување е во големи тестирања како што е ова некои учесници да се почувствуваат лошо. Ова што се случи не е ништо необично“, соопшти Оксфорд.
Оттаму не излегоа со детали за болеста што се појавила кај учесникот, но „Њујорк тајмс“ објави дека станува збор за воспалителен синдром.
Вакцината на Оксфорд досега успешно ги поминала првата и втората фаза од тестирањето.