„ОпенАИ“ се здружи со „Оракл“ и „Софтбенк“ за да изградат центри за податоци опремени за напојување на вештачката интелигенција, при што во прв момент ќе инвестираат 100 милијарди долари. Во друштво на шефовите на трите технолошки гиганти во Белата куќа, Доналд Трамп кажа дека „планот е гласна декларација на довербата во потенцијалот на Америка“.
„ОпенАИ“, кој го креираше популарниот четбот ЧетГПТ и „Софтбенк“ кажаа дека планираат да инвестираат 500 милијарди долари во следните четири години.
„Мислам дека ова ќе биде најважниот проект на оваа ера. Не би можеле да го направиме ова без вас, господине претседателе“, кажа извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман.
Трамп кажа дека овој план, за кој првпат се дозна во март минатата година, ќе отвори повеќе од 100.000 нови работни места. Шефот на технолошкиот оддел на „Оракл“, Лери Елисон, кажа дека првите центри за податоци веќе се градат во Тексас, а ќе следат уште на други локации.
Други партнери во проектот се „Мајкрософт“, „Енвидија“ и еден инвеститор од Дубаи.
„ОпенАИ“ ја почна трката за развој на вештачката интелигенција во 2022 кога го претстави четботот ЧетГПТ, кој покажа колку брзо напредува оваа технологија.