Воените власти на Мјанмар дозволија стотици странски спасувачи да влезат во земјата денеска, додека бројот на загинати во вчерашниот земјотрес порасна на најмалку 1.644, што е најголемата природна катастрофа што ја погодила оваа сиромашна земја во Југоисточна Азија. Земјотресот со јачина од 7,7 степени според Рихтеровата скала оштети аеродроми, мостови и патишта, во услови кога граѓанската војна веќе ја уништи економијата и расели милиони луѓе.
И покрај земјотресот, двете завојувани страни и денеска воделе борби во некои од погодените области, пред вооруженото крило на опозициската Влада на национално единство да објави дека прогласува двонеделно примирје за да може да се распредели потребната помош.
Обединетите нации ја повикаа мјанмарската хунта да престане со воздушните напади и воените операции додека земјата се справува со последиците од земјотресот.
Во Мандалеј, вториот по големина град во Мјанмар, оддалечен 20-ина километри од епицентарот на земјотресот, спасувачите со голи раце копаат низ урнатините во потрага по преживеани. Во овој град се уништени повеќе од 1.500 домови. Во градот Кјауксе во регионот на Мандалеј спасувачите пронашле тела на 12 деца и една воспитувачка под урнатините на градинка, а се верува дека има и десетици исчезнати.
Земјотресот однесе и најмалку 11 животи во соседниот Тајланд откако се урна 33-катна зграда во изградба во Бангкок, додека 83 лица и натаму се водат како исчезнати.
Геолошкиот институт на САД процени дека во Мјанмар би можело да има над 10.000 загинати и дека загубите би можеле да го надминат годишното економско производство на земјата. Русија, Индија, Јужна Кореја и САД се меѓу земјите кои испратија или најавија помош.